Нивото на Охридското Езеро е се уште под критичното ниво, односно под законски утврдениот минимум, а последиците по биолошкиот свет допрва ќе се ценат, вели претседателот на општинската СДСМ и пратеник, Томислав Тунтев.

– Недозволиво е Никола Бакрачески да се крие и како градоначалник на Охрид лично да не објасни кои се причините за критичниот пад на нивото на Охридското езеро. Информациите до кои дојдовме се скадалозни и укажуваат на злоупотреба на езерските води од страна на ЕЛЕМ повеќе од дозволивото, за производство на струја. Ова се случува во услови кога Македонија е соочена со увоз на струја од над 6 милиони евра до овој момент, како и со постојани испади во системот на РЕК Битола и недостиг на други домашни капацитети од коишто би можело да се обезбеди домашна струја, вели Тунтев.
 
Тој додава дека екстремниот пад на нивото на водата е сериозна закана по еко-системот на езерото.

– Ќе се потврдат информациите за злоупотреба на водата на Охридското Езеро. Ова претставува незаконско дело, а покрај тоа и загрозување на нашето природно наследство, бидејќи Охридското езеро е заштитено од УНЕСКО како светско природно наследство. Ги повикуваме Бакрачески и локалната власт веднаш да ја известат јавноста за сите информации околу случајот. На сите инволвирани страни им порачуваме веднаш да престанат да го злоупотребуваат Охридското Езеро. Никој нема право да ги злоупотребува природните богатства на Република Македонија, за да покрива неодговорни и погубни политики, нагласува Тунтев.
 
Како што вели, секој кој сторил било какво загрозување или уништување на природните богатства на Македонија, ќе мора да понесе одговорност.

OhridNews