Уште еден голем и значаен дар за Охрид од долгогодишниот новинар и публицист, Илче Стојаноски. 80 получасовни документарни емисии за минатото на Охрид „Охрид во моите спомени “, пренесени на ДВД, денес во рамки на чествувањата на празникот посветен на Свети Климент Охридски, беа промовирани пред охридската јавност.
Овие емисии се само дел од богатата ризница на аудио материјали кои Стојаноски ги снимал со постарите охриѓани, нивни спомени кои потоа биле емитувани на Радио Охрид, а потоа претставени во неколкуте издадени книги за минатото на Охрид, а сега и на носач на звук. Како што истакна на промоцијата, долгогодишниот колега и пријател на Стојаноски, Симон Илиевски, издавањето на ова ДВД е врвот на мајсторијата и професионалниот однос на Стојаноски кон истражувачката документаристика.
– Аудио-записите од серијалот „Охрид во моите спомени“ и другите публикации на Илче Стојаноски, се сведоштва кои имаат повеќеслојно значење. Младите генерации изворно ќе можат да го слушнат стариот охридски говор кој полека исчезнува и се топи пред напливот на трендовите на глобализацијата, ќе дознаат за потеклото на нивните прадедовци, за нивните следбеници, соседите и начинот на живеењето. Во тие записи има многу емоции, темни и ведри кажувања, но има и многу факти, кои можат да и користат на науката.Тоа се луѓе, времиња и настани, судбини и исчекувања, сведоштва, кои треба да се кажат, за да не се заборават, рече Илиевски.
За големото значење на емисиите „Охрид во моите спомени“ зборуваше и д-р Драги Стефанија, чиј татко е меѓу Охриѓаните кои во емисиите раскажуваат за своите спомени и случки во Охрид.
– Од 80 луѓе кои зборуваат во овие аудио записи, 60 веќе ги нема меѓу нас, затоа останува овој документ, овој жив спомен на гласови. Можам да кажам дека ова е голем документ, кој ќе остане како голем спомен за историјата на јазикот, за охридската и македонската историја, рече Стефанија.
Стојаноски кој е новинар по професија и врвен документарист и истражувач, претходно ги издаде двете книги „Кажвиме за да не се заборајт“, објавени и промовирани во 1996 и 2003 година, како и книгите „Охридски времеплов 1848-1948“ и „Охридски вистини-случки, приказни и факти“.
Добитник е на бројни награди и признанија, меѓу кои и на Повелбата „Свети Климент Охридски“ која што од страна на општина Охрид му беше доделена во 2007 година, за особен придонес во развојот на културата.
Т.Кувенџиска