Министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу и директорот на Бирото за регионален развој, Рамиз Реџепи, денес, извршија увид на изведените работи на објектите и другата изведена инфраструктура во рамките на регионалните проекти имплементирани од страна на Центарот за развој на југозападниот плански регион, во партнерски однос со Општина Дебрца и Општина Охрид.

Министерот изрази задоволство од успешно завршената реализација на проектите во дадениот рок, односно до 30 ноември и најави дополнително зголемување на средствата за оваа намена.

  • Во споредба со минатата година средствата се зголемени за околу 50%. За наредната година ќе има зголемување за уште 50%, што значи дека во споредба со 2017 средствата се зголемуваат за околу 100%. Министерството за локална самоуправа планира во 2019 да направи евалуација на законот за рамномерен регионален развој, а на почеток од годината ќе почнеме со конкретни активности за до крај на годината да се изработи 10 годишна стратегија за регионален развој, изјави министерот Фазлиу.

Во Волино, во рамките на проектот Изведба на енергетско-ефикасни објекти, целосно е реконструиран објектот на заедницата за потребите на локалното население.

  • Во Охрид заокружени се интервенциите на кровната конструкција на детската градинка Развигорче, а во самото градско јадро, изградена е пешачката патека во должина од 325 м, од Саат кулата до ОУ Климент Охридски, со што значајно се подигнува квалитетот на уреденост на Калето, а истовремено се збогатува нивото на туристичката понуда за посетителите чија најчеста дестинација е стариот дел на градот, информира раководителот на Центарот за развој на Југозападниот плански регион, Мирјана Лозаноска.

Градоначалниците на општина Охрид и Дебрца задоволни од реализираните проекти.

  • Успешно се реализирани двата проекти во општина Охрид, а во 2019 се надевам успешно ќе бидат реализирани уште 4 до 5 проекти што се од големо значење за граѓаните. Приоритети остануваат-енергетската ефикасност на училиштата и детските градинки, изградба на локални патишта, рече градоначалникот на општина Охрид, Јован Стојаноски.
  • Ваквата помош за рамномерен развој е особено значајна за рурална средина како што е Дебрца, изјави градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески.

Директорот на Бирото за регионален развој, Рамиз Реџепи, потенцира дека бирото им стои на располагање на центрите за развој и градоначалниците кои ги повика навреме да аплицираат за финансирање на нови проекти кои ќе го подбрат животот на граѓаните и ќе придонесат за рамномерен регионален развој.

Центарот за развој на југозападниот плански регион е единствен од мрежата на осумте вакви институции во државата кои успеа навремено да ги реализира предвидените активности во рамките на три регионални проекти чија вкупна вредност е околу 26 милиони денари. Покрај изведба на енергетско-ефикасни објекти и патна инфраструктура,  дел на средства беа издвоени и за подготовка на техничка документација за потребите на 9-те општини што влегуваат во состав на југозападниот плански регион.

Т.К.