Меѓународниот суд на правдата во Хаг утре, во 10 часот, се очекува да ја објави пресудата по тужбата што ја покрена Македонија против Грција за прекршување на Привремената билатерална спогодба од 1995 година, со блокирањето на македонскиот прием во НАТО на Самитот во Букурешт во 2008 година.

На изнесувањето на пресудата ќе присуствуваат шефот на македонската дипломатија Никола Попоски, поранешниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски, кој ја застапува Република Македонија во процесот и македонскиот амбасадор во Кралството Холандија, Никола Димитров кој е козастапник. Во тимот што ја застапува Македонија пред МСП се и четворица професори по право од Лондон, Вашингтон, Брисел и Сорбона, како и двајца нивни колеги од Правниот факултет при УКИМ.

Македонија, како што истакнаа нејзините правни застапници за време на процесот во Хаг, бара од Судот да утврди декана Самитот во Букурешт во април 2008 година Грција го повредила членот 11 од Времената спогодба, односно дека приговорила на упатувањето покана на Република Македонија за членство во Алијансата во услови кога ќе и се обраќаат под привремената референца. Од Судот се бара и да и наложи на Атина да ги почитува своите обврски предвидени со Привремената спогодба и да не го блокира македонското членство во меѓународни организации.

OhridNews