Охридските љубители на македонските традиционални песни и ора, вечерва, ќе имаат можност да го проследат целовечерниот концерт на ансамблот за народни игри и песни „Танец“.

Концертот ќе се одржи во Центар за култура „Григор Прличев“ со почеток во 20 часот, а влезниците чинат 150 денари. На репертоар ќе бидат кореографиите Тешкото, Тресеница, Малешевка, Беломорски бисер, Драчевка како и бројни изведби на традиционални македонски песни.

Ансамблот „Танец“ претставува симбол на македонскиот фолклор, традиција и култура веќе шест децении, културен амбасадор кој несебично ја презентира и споделува богатата македонска традиција во земјата и во светот. Овој ансамбл со своите уникатни носии со кои настапува претставува вистински подвижен историски музеј на Македонското материјално и нематеријално културно наследство.

OhridNews