Во Вевчани започнува големата прослава за одбележување на празникот Василица, познат и како Стара нова година, во чии рамки традиционално се одржува и светски реномираниот фестивал на сатирата Вевчански карневал. Годинава во рамки на оваа манифестација која ќе се одвива до 14-ти јануари, еден од најстарите фестивали под маски, ќе биде надополнет со атрактивната и богата дводневна музичка програма. Музичката програма започнува вечерва,12-ти јануари, а ќе се одржува и утре со подготвен дочек на Старата нова година, кој ќе биде одбележан и со голем огномет.

Вечерва, во 21.30 часот програмата за големата василичарска прослава ќе има чест да ја отвори „Слаткаристика“, по што ќе настапи еден од најпопуларните регионални бендови „С.А.Р.С.“,како и групата „Брас Брадерс“ од Македонија.

Во среда, 13 јануари,од 13 часот присутните ќе имаат можност да ја проследат најголемата атракција и изненадување на Вевчанскиот каневал- карневалската поворка и василичарите кои своите маски до последен момент ги чуваат во најстрога тајност. Со големото василичарско дефиле Вевчани и секоја негова улица ќе се претворат во најуникатниот и единствен уличен театар без режија. Во вечерните часови, со почеток во 21.30 часот,во рамки на музичката програма, сцената во Вевчани е резервирана за ѕвездите на македонската народна музика: Есма Реџепова и Наум Петрески,како и групата „Инфузија“ и „Перо Бели“.
Во четврток,во 14 часот ќе се изврши традиционалното палење на маските.

Карневалот во Вевчани е една од најпознатите карневалски манифестации на Балканот која се негува со векови и кој според своите специфични особини се одвојува од сите останати настани од овој тип во светот поради неговата архаичност, традиционалност, таинственост и уникатни маски. Вевчанскиот карневал се одржува за време на василичарските празнувања под покровителство на Министерството за култура на Република Македонија.

OhridNews