Глобалната организација на Часот на планетата Земја објави специјално видео во кое е објавен видео инсерт од исклучувањето на осветлувањето на Археолошкиот музеј во Скопје. Поради успешната кампања, видео инсерти од исклучувањето во Македонија беа споделени и во друго, таканаречено „видео на моменти“ во кои освен исклучувањето на осветлувањето Археолошкиот музеј, се појавуваат и децата од интернационалната британска градинка во Македонија, дури пет пати.

Во сите видеа, Македонија се појавува под своето уставно име, Република Македонија.

– Ова е само доказ дека Македонија вчеравечер покажа дека ја има моќта да направи промена. Во нашиот медиа центар пристигнаа над 2000 фотографии и видеа од одбележувањето на Часот на планетата Земја низ целата Република и ние сме навистина среќни што постигнавме толку голем успех. Ова немаше да биде успешно без поддршката на градот Скопје, Црвениот крст на Република Македонија, Министерството за животна средина и просторно планирање, ЕВН Македонија и Агенцијата за енергетика.“ – изјави Ѓорги Селков, главен организатор на акцијата во Македонија.

Со исклучување на светилките на Самоиловите тврдини, кај црквата Св. Јован- Канео и градскиот плоштад во акцијата вчеравечер се приклучи и општина Охрид.

Часот на планетата Земја е глобално еколошко движење креирано од WWF. Како една од првите кампањи креирана од луѓето за луѓето, Часот на планетата Земја прерасна во симболичен настан кој се одбележува во многу градови и земји, поддржан од индивидуалци, бизниси, организации и влади, со цел да се подигне еколошката свест кај граѓаните.

OhridNews