Во пожар што избувнал попладнево околу 14 часот целосно изгоре трошна куќа на семејството Садик на ул. „Даме Груев“ во познатата „Карабегомаала“. Огнот кој најверојатно започнал од оџакот за кратко време ја зафатил целата куќа. За среќа тричленото семејство успеало на време да избега и да повика пожарна. Во пожарот нема повредени, а причинета е поголема материјална штета.

-Гледавме телевизија и наеднаш од оџакот изби пожарот и за две минути се прошири на целата куќа. Викнавме пожарна која дојде по половина час, но веќе беше цела куќа зафатена. Од покуќнина ништо не остана. – изјави Музафер Садик.

Куќата е целосно уништена, а семејството Садик ќе преноќи кај комшиите кои први пристигнаа на помош.

-Апелираме до градските власти доколку можат да помогнат. Куќата не е за живеење, а надвор се поларни температури. Јас сум невработен, работам сезонски само на лето, па се надевам дека ќе ни се помогне Ќе видиме. – додаде Музафер Садик.

Од професионалната противпожарна единица од Охрид изјавија дека штом биле информирани за пожарот веднаш се упатиле на местото на пожарот со две возила. Пожарот е целосно изгаснат и спречено е проширување на околните објекти.


Изгоре куќа во „Карабегомаала“, семејството упати апел за помош

Г.М.