Традиционално по 14 пат членовите на нуркачкиот центар „Амфора“ и клубот за подводни активности „Охрид“ во соработка со Сојузот за подводни активности на Македонија, денеска во Заливот на коските кај Градиште ја накитија новогодишната елка во водите на Охридското Езеро.

-Желбата ни е оваа традиција да продолжи и понатаму. Се дружиме убаво, не послужи и сончевото време, а се радуваат и децата кои доаѓаат тука. – истакна претседателот на Сојузот за подводни активности на Македонија Периклие Бешка.

Покрај искусните нуркачи, во китењето на подводната елка учествуваат и млади членови на нуркачките клубови од градот. За сите нив подводниот Дедо мраз подготви пригодни подароци.

-Сакам да ги поздравам сите граѓани на Република Македонија и сите нуркачи и да им посакам многу успех, среќа и здравје во новата 2016 година.-рече Зоран Мирчески, нуркач од клубот „Амфора“, кој годинава беше во улога на Дедо мраз.

Инаку оваа убава традиција на охридските нуркачи претставува вистинска атракција, единствена од ваков вид во светот.

Г.М.
Фото Емилио