Цената повеќе нема да биде главен критериум за реализација на јавните набавки, туку тоа ќе биде и квалитетот. Ова меѓу другото се предвидува со измените во Законот за јавни набавки, за кои денеска во Струга бизнисмените од регионот и претставници на Стопанската комора на Северозападна Македонија разговараа со министерот за финансии Драган Тевдовски и директорот на Бирото за јавни набавки Ѓорѓи Георгиевски. Тема на средбата „Реформи во јавните набавки со посебен осврт на нацрт-текстот на Законот за јавни набавки“, беше целосно транспарентен процес во областа на јавните набавки.

– Намерата е кога целиот процес ќе биде заокружен да се добие квалитетен закон, усогласен со европски стандарди и позитивните и практики и истовремено ќе понуди подолготрајно решение прифатливо за сите заинтересирани субјекти. – рече Тевдовски.

Тој денеска ги слушна забелешките од бизнис заедницата. Таа најави дека истите ќе ги преточи во писмен документ, кој ќе и биде доставен на владата.

Како што беше истакнато на јавната расправа во Струга, Законот е усогласен со директовите на ЕУ. Тој предвидува скратување на периодот на забрана за учество во постапките по издадена негативна референца, зголемување на праговите за примена на законот и разјаснување на начинот на вршење на малите набавки, со обврска за известување и за малите набавки. Законот треба да биде усвоен оваа година, а ќе се применува од 2019 година.

Јавната расправа што се одржа денеска во Струга е дел од проектот за реформи и подобрување на законската легистлатива што го реализираат USAID и ЕПИ центарот заедно со Министерството за финансии и Бирото за јавни набавки. 

OhridNews