Извикувајќи националистички пароли и навредливи слогани кон Македонците неколку стотини млади од албанско етничко потекло, главно ученици од средните училишта, вчера во два наврати продефилирале низ улиците на Струга. На учениците им се придружиле и други граѓани кои ги следеле со автомобили и пеш.


Надлежните во струшките училишта информираат дека наставата во текот на вчерашниот ден кога се одбележуваше Денот на албанското знаме, се одвивала нормално и при тоа негираат било каква поврзаност со настанот и однесувањето на младите надвор од образовните институции.

– Секој си слави според тоа што е дозволено. Настава се држеше, а ученици присуствуваа на настани кои се одржаа. Не сум компетентен за нешто што случувало надвор од училиштето, изјави Урим Крека, директор на СУ “Ибрахим Темо”.


Од СВР Охрид информираат дека собирот бил ненајавен  и започнал од дворот на средношколскиот центар. Младите оттука се упатиле кон центарот на градот. Притоа, застанале кај зградата на општината по што продолжиле кон плоштадот кај споменикот на Мајка Тереза од каде мирно се разотишле. Полицијата потврди дека за цело време додека траел маршот низ струшките улици биле извикувани националиститчки и навредливи пароли на етничка основа, но инциденти немало.

OhridNews