– Увидовме дека нацрт урбанистичките планови кои се донесуваат во нацрт фаза со конечните планови кои се носат за гласање пред советниците имаат сериозни разлики. Разликите можно е да потекнуваат од јавната анкета која е спроведена, од мислењето на министерствата, но никаде не постои извештај од јавната анкета и извештај од министерствата.Затоа како член на комисијата за урбанизам побарав пред да се донесе било каков предлог одлука за урбанистички план советнциите да добијат и извештај од јавната расправа и мислењата од надлежните министерства, вели координаторот на советничкат агрупа на ВМРО- ДПМНЕ, Дејан Пановски.
Според раководителот на Секторот за урбанизам, Бранко Арнаудоски, промените на нацрт плановите се вообичаени со оглед на фактот дека за секој од нив се организира јавна анкета и презентација, по која се вршат промени врз основ на дел од поднесените забелешки од граѓаните.
– Нацрт урбанистичкиот план го утврдува советот по претходно мислење по изготвена планска програма и нацрт урбанистички план од комисија формирана од градоначалникот. По носење на нацрт планот, оди на јавна анкета и презентација и токму тоа е причината поради која не може да биде ист нацртот и предлог урбанистичкиот план. На јавната анкета им се дава можност на сите граѓани и институции да се вклучат со свои сугестии, кои ги разгледува надлежната комисија. По разгледувањето на забелешките се изготвува извештај кој се доставува до надлежните министерства, по што се очекува согласност од министерството за транспорт и врски околу дадениот предлог урбанистички план, објаснува Арнаудоски.
Тој додава дека согласно законската процедура не постои обврска за доставување на дополнителни извештаи до советниците, но доколку тоа се бара тие ќе се доставуваат.
На денешното продолжение од 41- та седница на советот беа донесени неколку предлог урбанистички решенија. Советниците донесоа и заклучок- од Министерството за здравство да се побара одговор зошто доцни и кога ќе заврши реконструкцијата на старата зграда на Општата болница.
На седницата беа усвоени сите предвидени точки од дневниот ред ,освен предлог- одлуката за измени во систематизацијата во ЈУ Детска градинка „ Јасна Ристеска“ .