Под слоганот „Заедно за силна Македонија“, коалицијата ВМРО за Македонија вечерва во Охрид со сибир што се одржа во центарот за култура „Григор Прличев“ ја започна предизборната кампања.

Според лидерот на ВМРО НП Љубчо Георгиевски, коалицијата ВМРО за Македонија е трета опција и посебен политички субјект без кој, како што рече, не ќе може да се формира идната влада.

-Гледајте на нас како алтернатива за спас на земјата од ситуацијата во која не доведоа двете главни партии во државата. Ние ќе бидеме тие што ќе одлучуваме и ќе ја правиме новата влада во Македонија. – рече Георгиевски.

Тој се осврна на актуелната политичка криза во земјата, посочувајќи дека двете најголеми политички партии не бираат средства да дојдат на власт.

-После две години политичка криза и валкани игри што доби Македонија? Меѓународно сме тотално изолирани како држава, на економски план едните не бираат средства да купат гласачи, а другите се радуваат на секоја нанесена штета. Затоа се роди оваа идеја и третиот пат. –  рече Георгиевски. 

Лидерот на Обединети за Македонија Љубе Бошкоски истакна дека коалицијата ВМРО за Македонија има капацитет да ја консолидира државата, најавувајќи дека деновиве официјално ќе биде објавена изборната програма на коалицијата.

-Нудиме опција за враќање кон традиционалните вредности и излез од апатијата. – рече Бошкоски.

Пред присутните во исполнетата голема сала на центарот за култура се обрати и лидерот на Достоинство Стојанче Ангелов. Тој истакна дека приоритети на коалицијата ќе бидат: спроведување итен попис на населението, враќање на граѓанското општество, еднаквост на сите пред законите, дијалог со сите, децентрализација на државата, унитарност, силна полиција и армија…

На собирот  беа претставени кандидатите за пратеници во 5-та Изборна единица каде носител е Љубе Бошкоски.

OhridNews