Во текот на четвртата недела од 2017 година, во Република Македонија пријавени се 1.199 новозаболени лица од грип, при што се бележи намалување од 50,4% во споредба со минатата недела кога беа пријавени 2.417 случаи, информираат од Центарот за јавно здравје.

Оваа недела, најголем број заболени од 147 е регистриран на територијата на Центарот за јавно здравје Охрид, каде што единствено се регистрира висока активност на инфлуенца вирусот. Следат ЦЈЗ Прилеп, ПЕ Гостивар и ЦЈЗ Скопје со 117 заболени лица.

Како и во претходната, така и во 4-тата недела од 2017 најголем број заболени, односно 74,3% од сите случаи се пријавени во најголемата возрасната група од 15-64 години.

Во сезоната 2016/2017, вкупниот број на заболени од грип заклучно со 4-та недела изнесува 32.931 со кумулативна инциденца од 1.591,5 на 100.000 жители.

OhridNews