Над седумдесетина учесници од ЈУГОЗАПАДНИОТ плански регион, низ тематски дискусии водени од домашни и меѓународни експерти, утре и задутре во хотелот Дрим во Струга, ќе се осврнат на достигнувањата во регионалниот развој во изминатата декада од донесувањето на Законот за рамномерен регионален развој. Aкцент ќе се стави на размената на добрите практики, поттикнување на соработката и вмрежување на клучните чинители кои можат да придонесат за подобрување на општата состојба во државава.

Како што нагласуваат од Центарот за развој на ЈУГОЗАПАДНИОТ плански регион, во рамките на меѓународната конференција, првиот ден, низ пленарни дискусии, учесниците ќе се осврнат на рамномерниотрегионален развој од донесувањето на Законот во 2007 година и воспоставувањето на осумте плански региони заедно со клучните тела на регионално ниво, како што се советите и центрите за развој. Согласно законските решенија, на годишно ниво, предвидено е за регионалниот развој да се издвојува 1 процент од БДП-Бруто домашниот производ, што често пати, во изминатиов период предизвикуваше полемики помеѓу локалната и централната власт за реалните издвојувања за оваа намена. Од тој аспект оваа тема се очекува да предизвика посебен интерес на конференцијата, а покрај тоа ќе се зборува и за одржливиот развој.

Вториот ден претставниците на клучните сектори од Регионот ќе се осврнат на инфраструктурата како основа на идниот развој, со акцент на заштитата на животната средина, како и можностите за продлабочување на туризмот и руралниот развој, како особено значајни гранки за ЈУГОЗАПАДНИОТ плански регион. На конференцијата ќе стане збор и за можностите на финансирање на проектите на деветте општини од Регионот од домашни и меѓународни извори.

На крајот од дебата се очекува да бидат донесени соодветни заклучоци и препораки што ќе бидат искористени од локалните, регионални и национални чинители во планирањето на идниот развој на државата,  низ призмата на регионалниот развој.

Конференцијата како активност ја реализира Центарот за развој на ЈУГОЗАПАДНИОТ плански регион во рамки на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој”, што е финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка и Министерствотоза локална самоуправа.

OhridNews