Со пригодна вечерна богослужба во чест на Св. Трифун и свеченост, што ќе се одржи денеска во 18 часот, ќе биде пуштено во употреба новото внатрешно осветлување во една од најубавите и најзначајни цркви во Македонија, Св. Богородица Перивлепта. Иницијатор на акцијата е Лајнс клубот Лихнидос, а донатор е ДАСС Инжинеринг – Охрид.

 

Во октомври минатата година по седум годишна работа, со голема финансиска помош на американската амбасада во земјава која донираше 600.000 долари, беше завршена конзервацијата на фрескоживописот во оваа црква и на ѕидовите на овој значаен сакрален објект од тринаесеттиот век, кој се смета за врвно дело на византиската архитектура, повторно засјаија уникатните фрески, оригинално насликани од големите мајстори Михаил и Евтихиј. Проектот за реставрирање на фрескоживописот, што траеше неколку години, не предвидел ревитализација на внатрешното осветлување, заради што лајонс клубот „Лихнидос“ покрена иницијатива за промена на електричната инсталација и поставување на ново внатрешно осветлување, кое комплетно го финансираше и инсталираше „ДАСС Инжинеринг’.

Во рамки на овој зафат старата и несигурна електрична инсталација, е сменета. Отстранети се сите жици, кабли и сијалични места кои беа несоодветно поставени. Сменети се и сите стари светилки и рефлектори, кои емитираа топла светлина што им штети на фреските. Притоа, новата ЛЕД технологија сега троши 20 пати помалку електрична енергија. Сега внатрешноста на Св. Богородица Перивлепта е целосно осветлена со вештачка „дневна“ светлина“ и тоа на начин на кој светлината не му пречи на оној што набљудува – светлечките тела се адекватно поставени со цел да ги осветлат сите ѕидови и агли, па сепак да даваат дискретна дифузна светлост. – информираат од ЛК „Лихнидос“.

OhridNews