Вонреден технички преглед се прави на сите автобуси на компанијата „Дурмо турс“, дознава „Макфакс“. Вонредната проверка на исправноста на автобусите следи откако беше утврдено дека „Дурмо турс“ сам си вршел технички преглед, односно автобусите ги регистрирал во станицата за технички преглед чиј сопственик е Дурмиш Белули, кој е сопственик и на „Дурмо турс“.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека поради истрагата на обвинителството за причините за несреќата, не можат да дадат информации поврзани со „Дурмо турс“, но уверуваат дека прават редовни контроли на сите станици за технички преглед.

Министерството за транспорт и врски веќе информираше дека оваа компанија има лиценцирано вкупно 40 автобуси, а освен меѓуопштинската линија Скопје – Гостивар, има и 18 линии за меѓународен превоз на кои возат 36 сертифицирани возачи.

Обвинителството извести дека почнало испитувањето на очевидците на настанот, а до крајот на неделава очекуваат исказ да даде и возачот на автобусот. До Институтот за судска медицина биле доставени наредби за обезбедување на обдукциите на сите починати лица во несреќата, од здравствените установи била побарана медицинската документација за повредени, од мобилните оператори побарани се листинзи за разговорите на возачот, наредено е вештачење на телефонот, а до Машинскиот факултет била доставена наредба за вештачење на техничката исправност на автобусот.