СВР Охрид и Јавното обвинителство го истражуваат случајот со повреденото дете кај депонијата Буково, што се случи на втори февруари. На местото на настанот извршен бил увид во присуство на Јавен обвинител, по што со наредба за претрес од судија на претходна постапка, полицијата извршила претрес во домот на 40 годишен жител од охридското село Велгошти, за кој постои сомневање дека е можен сторител на казненото дело „предизвикување општа опасност“.
-Од преземените оперативни мерки, констатирано е дека на втори овој месец околу 13,00 часот, на депонија „Буково“, осомничениот вработен во Јавното претпријатие „Охридски комуналец“, како чувар на депонијата, при сечење на буково дрво со дијаметар од 17 сантиметри и должина од 14,5 метри, повредил малолетно лице родено 2005 година од Битола.
Според сознанијата на полициските службеници, малолетникот заедно со неговиот татко, престојувале во шатор на депонијата „Буково“ каде осомничениот вршел сеча на дрва. Притоа, дрвото кое тој во моментот го сечел со моторна пила, паднало врз шаторот и го удрило малолетното лице во пределот на главата, од што малолетникот се здобил со фрактура на глава. Тој, веднаш со возило на Брза медицинска помош од Ресен бил пренесен во болницата во Битола но поради сериозноста на повредите и животно загрозувачка состојба, малолетникот е префрлен во Клинички центар Скопје.- информира портпаролот на СВР Охрид.
Тој додаде дека по целосно завршување на активностите поврзани со казненото дело, СВР Охрид против осомничениот ќе поднесе соодветна кривична пријава.
OhridNews