Денеска е голем ден за демократијата и слободата во Република Македонија, ден кога граѓаните избираат продолжување и заокружување на промените во нашата земја, изјави по гласањето претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

– Денеска по пат на фер, демократски и слободни избори, граѓаните ќе го искористат своето уставно право и ќе заокружат евроатлантски интеграции на Македонија, ќе заокружат едно општество за сите во Македонија, ќе заокружат развиени економски општини, развиена економска држава. Јас се надевам дека заради важноста на локалните избори и големата важност на општините во Република Македонија целиот ден сериозно ќе заврши колку што се навистина и сериозни ваквите локални избори. Пред сѐ се надевам на фер и демократски избори и само така сите победуваме во Република Македонија, а на крајот преку нашиот глас, преку процентот на излезеност навистина даваме поддршка и за иден раст и развој на сите наши општини во нашата земја, рече Заев.

Претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски им се заблагодари на сите граѓани што денеска излегоа да го остварат своето гласачко право.

– Со тоа ја заштитија демократијата во Република Македонија и покажаа грижа за своите градови и за своите општини. Се надевам на успешни избори, односно избори што ќе бидат најдобри за Република Македонија. Исто така, сакам да нотирам дека за целиот изминат период на кампањата имаше видливи нерегуларности и незаконитости, вклучително и денеска, но за тоа ќе информираме кога ќе дојде време, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, по гласањето на гласачкото место во ОУ „Кузман Јосифовски – Питу“ во Скопје.