Охридскиот ЈЗУ Завод за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања доби две амбулантни комби возила, марка Мерцедес- опрема донирана од  Македонската заедница во Шведска и Регионалните болници од областа Халанд-Шведска.

Како што потенцира првиот човек на заводот, д- р Никола Бакрачески, станува збор за долгоочекувана донација со оглед на тоа дека во изминатиот период установата не располагала со сопствени амбулатни возила. За своите потреби ги позајмувала возилата од одделението за Итна медицинска помош, кои се дотраени и малку по број.


Со овие возила ќе се подобри квалитетот на здравствените услуги кои ние ги даваме, но и квалитетот на услугите на другите установи во Охрид и Струга на кои ќе им бидат на располагање двете возила.  Ќе се овозможи побезбеден транспорт на нашите пациенти до останатите здравствени институции во регионот , но истовремено и поефикасен третман за време на транспортот, затоа што возилата располагаат со опрема која овозможува освен превоз, да се изведува и одреден третман и дава терапија на пациентот, истакна Бакрачески.


Претставникот на Македонската заедница во Шведска информира дека по пат на донации од нивна страна е помогнато во опремувањето на неколку болници во Битола и Прилеп.

Долги години, интензивно се залагам за реализација на хуманитарни активности. Им имам помогнато  на здравствените установи во Битола и Прилеп, сега и во Охрид. Ги искористив сопствените контакти со Регионалните болници од областа Халанд-Шведска и еве обезбедивме две возила, изјави Цане Стефаноски, од Македонската заедница во Шведска.

Денес, свечено донацијата на Заводот му беше предадена од страна на претставниците од Македонската заедница од Шведска и Регионалните болници од областа Халанд.

OhridNews