Изградбата на Коридорот 8 во железничкиот дел кој треба да ги поврзува Македонија и Албанија, е предвидена да минува преку трасата Кичево – Струга – Лин и треба да стигне до Драч, соопштија директорите од двете железнички компании, Ирфан Асани и Генци Ализоти по средбата што се одржа вчера во најголемиот албански пристанишен град, пренесува „Макфакс“.
Директорот на јавното претпријатие Македонски железници – Инфраструктура, Ирфан Асани, својот албански колега Генци Ализоти го информираше за активностите кои ги превземаат македонските железници и македонската влада за реализација и изградба на железничката делница Кичево – Струга – Лин.
„Верувам дека е време кога ние заедно ќе имаме еден заеднички договор, бидејќи тоа од нас се бара и од меѓународните финансиски институции кои ќе го финансираат тој дел од Коридорот 8. За таа цел, во наредните денови ние ќе имаме контакти на експертско ниво каде ќе ги соединиме заедничките точки на кои треба да се поврзуваме”, рече Асани по средбата.
Неговиот домаќин Ализоти истакна дека приоритет на албанската влада е изградба и железничко поврзување меѓу Албанија и Македонија .
„Би рекол дека овој правец ги поврзува двете држави, било да станува збор за превоз на патници или, пак, превоз на стоки, и е поврзување коешто е многу значајно, како за Албанија, така и за Македонија. Работите во овој Коридор верувам дека сте информирани од двете страни започнал на време од двете страни”, истакна Ализоти .
На крајот на средбата соговорниците се заложија за интензивирање на соработка кој треба да резултира со формирање на работни групи на кои албанските железници ќе можат да се запознаат со искуствата на своите македонски колеги во железничкиот сообраќај како и заедничко аплицирање на проекти за користење на средствата од ИПА фондовите. Договорот за формирање на работните групи треба да се официјализира во текот на посетата на директорот на албанските железници во Скопје.
Се очекува дека железничкото поврзување на Македонија и Албанија ќе има економски придобивки за двете земји, бидејќи Албанија ќе се поврзи со железници со Грција додека Македонија ќе се поврзува со пристаништето во Драч.
OhridNews
извор:„Макфакс“













