Жители од селото Горенци во општина Дебрца се жалат дека локалните патишта во селото и околината подолг период се запуштени и дека никој не ги уредува . Ги повикуваат надлежните да преземат активности и да ги отстранат израснатите треви и трње кои воедно ја намалуваат прегледноста при движењето на возилата.
– За време на изборите доаѓаа тука и ветуваа дека редовно ќе ги уредуваат локалните патишта.До денес нема ништо од ветувањата, велат жителите на Горенци потенцирајќи дека редовно ги плаќаат сметките за ѓубретарина и одржување на јавна хигиена.
Од јавното претпријатие Дебрца објаснуваат дека се работи според предвидената динамика.
– Во изминатиов период се реализираа активности за уредување на зеленилото покрај локалните патишта во Волино, Оровник и Мешеишта. Во моментов се работи во Издеглавје, Слатино и другите села во Горна Дебрца, вели директорката на ЈП Дебрца, Јасмина Мицкоска.
Од јавното претпријатие информираат дека, според предвидениот план на работа,активностите за уредување на главните улици во Горенци ќе се реализираат во текот на идната недела.
OhridNews