Жителите на крајезерското село Љубаништа не сакаат да ги продадат своите имоти и се противат на експропријација на земјиштето во атарот на селото за изградба на Туристичка развојна зона, најавувајќи дека ќе направат се за да ја зачуваат својата земја. На собирот на граѓани, што се одржа викендов,  мештаните рекоа дека нив до сега никој официјално не ги информирал што се планира да се гради во Љубаништа, посочувајќи дека доколку државата им го одземеме земјиштето, тоа ќе значи крај за селото.

– Јавен интерес е изградба на железница, автопат, електро централа, а не туристичка зона. Зошто со сила сакаат да ни го одземат земјиштето. Ние земјата не ја даваме, не се работи за цена и по 1000 евра да ни дадат, оти селото треба да се исели доколку ја продадеме земјата, тоа треба да мисли државата не само да прави хотели, за  хотелите селото ќе го иселат, ќе остане пусто.-рече на собирот постар жител на Љубаништа.

Жителка на селото која се занимава со земјоделство, истакна дека егзистира од обработување на земјата, која ја добила од таткото и дедото и дека сака да им ја остави на своите наследници.

– Јас сум емотивно врзана за таа земја,  мојата викендица цена нема, сакам да ја оставам на моите деца и внуци понатаму.-рече жителка на Љубаништа.

Мештаните стравуваат дека во Љубаништа ќе се случи нова националнизација, укажувајќи дека се уште целосно не им е вратена земјата која државата им ја одзела по втората светска војна.

-Интересот на парите секој го знае. Ама има луѓе кои сфаќаат дека доколку се одземе тоа поле  ќе не одродат од земјата, од предците наши. Има земја пред и после река, што е со таа после река, имаме решенија од суд да ни ја вратат, а се уште не можеме да ги оствариме своите права.-изјави жител на Љубаништа.

Дел од дискутантите истакнаа дека доколку државата го одземе земјиштето, сопствениците треба да добијат апартмани  или деловни објекти во туристичкиот комплекс што ќе се гради, соодветни на вредноста на имотот кој го поседуваат, за да имаат од што да егзистираат во иднина.

Мештаните рекоа дека живеат во голема неизвесност бидејќи никој не им кажува што точно ќе се гради во Љубаништа и каде. Засега  извесна е изградбата на Туристичка развојна зона Љубаништа 1, која во најголем дел се протега на имот на Дебарско – кичевската епархија, кој треба да биде експроприиран, на што се спротиставува црквата која покрена судска постапка. Љубаништани сметаат дека цената која државата ја одреди за тоа земјиште е десет пати пониска од реалната, посочувајќи дека доколку не биде испочитувана нивната волја тие се подготвени да ги бранат своите интереси со сите средства.

-Ако се случи да  нема слух од страна на владата ние сме спремни на граѓанска непослушност, на затварање на патиштата, затоа што она што се случи со црковното земјиште е фактички кражба, овде се продава земјиште по 200 евра, а тие нудат 200 денари, кај го има тоа. Пред 40 години земјиштето се продаваше по тогашни 100 марки, или 50 евра, и ова сега е невозможно.-изјави Наум Ристески од Координативното тело на Љубаништа.

Од координативното тело предложија да се ангажира овластен проценител кој ќе изврши реална проценка на вредноста на земјиштето, бидејќи се работи за најатрактивниот простор на охридското крајбрежје.

Заклучоците од собирот на жители од Љубаништа, ќе бидат испратени до градоначалникот на Охрид, премиерот и министерот за финансии, а мештаните бараат претставници на локалната самоуправа, на надлежните државни институции и пратениците од Охрид да дојдат во селото и да им објаснат што ќе се прави таму и што ќе биде со нивните имоти.

Доколку не бидат испочитувани нивните барања и имотите им бидат експроприирани против нивна волја, жителите на Љубаништа најавија дека правдата ќе ја бараат пред меѓународните судови.

Горан Момироски