Во врска со прес-конференцијата на политичка партија СДСМ Охрид поврзана со состојбата на депонијата Буково од ЈП Охридски Комуналец информираат дека надлежните служби во изминатиот период континуирано преземаат конкретни мерки за справување со состојбата на терен.
Станува збор за специфична состојба карактеристична за ваков тип депонии, бидејќи при распаѓањето на отпадот се ослободува природен гас – метан, кој е лесно запаллив и може да предизвика појава на тлеење или пожар. Токму поради тоа, неопходни се постојани активности за контрола и стабилизација на депонијата. Во рамки на активностите, во изминатите денови се однесени и распоредени околу 1000 м³ земја со која се покриваат опожарените делови од депонијата, со цел да се намали ризикот од повторно разгорување и ширење на чад. Дополнително, изработен е и заштитен појас околу критичните делови на депонијата со цел да се спречи евентуално ширење и да се овозможи поголема контрола на состојбата, велат од претпријатието.
Како потврда за континуираните активности на терен, посочуваат, во текот на 2025 година на депонијата Буково е однесена и распоредена рекордна количина од над 7000 м³ земја за покривање и стабилизирање на отпадот, со што значително се придонесе за намалување на ризикот од пожари и ширење на непријатни миризби.
Воедно, сакаме да потенцираме дека депонијата Буково претставува децениски проблем кој со години не бил системски решаван, вклучително и во периодите кога истата политичка партија била на власт. Јавното претпријатие паралелно презема активности за воведување и унапредување на примарна селекција на отпадот директно од домаќинствата и хотелските капацитети, со цел намалување на количините отпад што завршуваат на депонијата и воспоставување поодржлив систем за управување со отпад. Дополнително, во тек е реализација на проектот за регионална депонија во Новаци, кој претставува долгорочно и системско решение за управување со отпадот во регионот. Со воспоставувањето на овој систем, предвидено е постепено затворање на депонијата Буково, потенцираат од ЈП Охридски Комуналец.
Апелираат ова прашање да не се користи за дневно-политички цели, туку сите чинители да придонесат со конструктивни предлози за трајно решавање на овој долгогодишен проблем, во интерес на заштита на животната средина и здравјето на граѓаните.
OhridNews














