ЈП „Билјанини Извори“ ја информира јавноста дека преземени се активности поврзани со сечењето на дел од дрвјата во просторот на каналот „Студенчишта“ кои се исклучиво од безбедносни причини, во координација со здружението „Збогум Буково“ и врз основа на соодветно одобрение за сечење.
Станува збор за дрвја кои поради својата состојба и местоположба претставуваа реална опасност за пловните објекти, како и за безбедноста на граѓаните кои се движат, работат или престојуваат во тој дел од каналот. Интервенцијата не е преземена произволно, ниту со намера да се наруши зеленилото, туку како неопходна мерка за спречување на можни штети, несреќи и загрозување на човечки животи, информираат од ЈП „Билјанини Извори“.
Со оглед на чуствителноста на јавноста и на еколошките здруженија кога станува збор за сечење дрвја јасно нагласуваат дека ова не е активност насочена против природата, туку одговорна постапка во ситуација кога безбедноста мора да биде приоритет.
Секоја ваква интервенција треба да се гледа низ призмата на јавниот интерес, заштитата на луѓето и спречувањето на поголеми последици. Воедно, претпријатието се обврзува дека на местата каде што е можно ќе бидат засадени нови дрвја во рамки на просторот на каналот „Студенчишта“. Дополнително, ЈП „Билјанини Извори“ заедно со здружението „Збогум Буково“ и досега активно работи на зголемување на зелените површини, при што на територијата со која стопанисува претпријатието, како и во рамки на просторот на каналот „Студенчишта“, веќе се засадени десетици нови дрвја. Нашата цел е да обезбедиме уреден, безбеден и одржлив простор, со почитување и на природата и на потребата за заштита на граѓаните, потенцираат.
Апелираат јавноста да не носи избрзани заклучоци, туку да ги земе предвид фактите: дрвјата претставуваа опасност, постапката е спроведена со одобрение, а просторот ќе продолжи да се уредува со нови садници и грижа за зеленилото.
Од ЈП „Билјанини Извори“ додаваат дека остануваат отворено за соработка со граѓаните, здруженијата и сите добронамерни чинители кои сакаат да придонесат кон безбедна, чиста и зелена средина во Охрид.
OhridNews














