Околу сите изворишта од кои Охрид се снабдува со вода за пиење има воспоставено I заштитна зона зона на строг санитарен надзор, велат од ЈП „Водовод” Охрид. Издашноста на изворите зависи од климатските промени и во моментов истите ги задоволуваат потребите на градот. Од претпријатието најавуваат модернизација на постоечките изворишта и пумпни станици, а како алтернатива за снабдување со вода се работи и на проектот за зафаќање на вода од изворот Дувло кај с. Свиништа.

ЈП „Водовод” Охрид: Околу сите изворишта (така и кај Билјанините Извори) има воспоставено I заштитна зона зона на строг санитарен надзор, истата е оградена со ограда со соодветна височина, а кај поважните објекти е воспоставена и 24 часовна чуварска служба, а оградениот простор е со различна површина (утврдена во проектната документација за зафаќање на соодветните изворишта). ЈП “Водовод” – Охрид поседува соодветен Елаборат кој што е изработен од Градежениот Институт Македонија и истиот е доставен во понатамошна процедура кај соодветните министерства.
ON: Дали урбанизацијата, пред се во населбата Бејбунар влијае или ги загрозува изворите со питка вода од кои се снабдува градот Охрид?
ЈП „Водовод” Охрид: Градежните активности во населба Бејбунар немаат директно влијание врз изворот Бејбунар, кој што е карстен извор, а водата потекнува од карстниот издан на планината Галичица, истата доаѓа до изворот по гравитационен пат.

ЈП „Водовод” Охрид: Согласно климатските услови, зависи и издашноста на извориштата. Истите се оградени, а кај најважните објекти е обезбедена и 24 часовна чуварска служба.
ON: Кој е нивниот капацитет и дали истиот е доволен наспроти потребите, развојот на градот и изградбата на нови единици?
ЈП „Водовод” Охрид: Во моментов капацитетот на извориштата ги задоволува моменталните потреби на град Охрид, додека со развојот на урбанизацијата, можеби ќе се пројави потреба од изнаоѓање на нови изворишта и дупчење на нови бунари, со цел да се задоволат дополнителните потреби од вода за пиење.
ON: Каква е состојбата на водосбнабдителниот систем, на што се должат честите дефекти?
ЈП „Водовод” Охрид: Водоснабдителниот систем на град Охрид е сложен, зафаќа вода од повеќе изворишта со повеќе пумпни и препумпни станици. Најстариот цевковод е изграден во 1934 г. и истиот, благодарение на материјалот од кој што е изработен, е во добра кондиција. Низ годините се правени напори за замена на цевководите кои што се во лоша состојба и тој процес трае и ден денес, имајќи во предвид дека се работи за 220 км цевководи.
Во последно време честите дефекти се јавуваат како резултат на изведувањето на градежни активности од страна на разни изведувачи кои што вршат оштетување на цевководите при изведување на ископи, а исто така и како последица на дефектите поради дотраеност на цевководите.

ЈП „Водовод” Охрид: Во моментов преку Општина Охрид се реализира проект, изработен од страна на Градежениот факултет од Скопје, за зафаќање на вода од изворот Дувло кај с. Свиништа, како алтернатива, односно, добивање на чиста и питка вода по гравитационен пат за снабдување со вода за пиење на градот Охрид и околните населени места. Исто така во идниот период ќе се врши модернизирање и одржување на постоечките изворишта и пумпни станици.
Во тек е целосна реконструкција на ПС “Метропол”, со нова и современа опрема, односно, замена на постоечката опрема стара преку 30 год. Исто така завршна фаза се проекти кои што ќе допринесат за намалување на загубата на вода со воспоставување на софтвер и замена на постоечките водомери со водомери со далечинско оттчитување, како и проект за имплементација на СКАДА систем и ГИС.
OhridNews













