Екипата на Будуќност поведе со 1-0 во финалната серија со Црвена Ѕвезда, откако среде Белград го совладаа актуелниот шампион со 80-76 (25-22, 12-16, 26-19, 17-19).
Со „брејкот“ на стартот од серијата избраниците на екс македонскиот селектор Александар Ѓикиќ ја анулираа предноста наречена домашен терен на „црвено белите“.
Одлуката за победникот падна при крајот на третата и решавачката четврта четвртина. На средината од третиот квартал домаќините имаа водство 47-39, а гостите со серија поени не само што ја надополнија негативата, туку и го презедоа водството.
Во последните десет минути Будуќност поведе и со 10 поени разлика (71-61). Домашните кошаркари успеаја да се вратат во игра и на 72-75 да имаат напад за егал, кој не го реализираа. После тоа следеше казна на спротивната страна и печат на победата.
Вториот меч од финалната серија се игра утре во Белград со почеток во 18 часот и 30 минути. На тронот во АБА лигата ќе се искачи екипата која прва ќе стигне до три победи.
OhridNews