Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги чека резултатите од лабораториските тестирања на мострите од водата за пиење од 4 артерски чешми во Охрид, од кои една во дворот на ОУ „Глигор Прличев“, за кои на 17 март годинава, донесе забрана за употреба поради бактериолошка загаденост.

Станува збор за јавни чешми со изворска вода кои не се поврзани на градскиот водовод и истиот не го контролира нивниот квалитет.

По изречената забрана, од Центарот за јавно здравје од Охрид земени беа нови мостри вода од чешмите, чии резултати беа негативни, односно водата од чешмите во тој период беше безбедна за пиење. За потврдување на безбедноста, деновиве, земени ќе бидат нови мостри вода од истите артериски чешми, по што ќе биде донесена и одлука за евентуално укинување на забраната, информираат од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Од Центарот за јавно здравје информираат дека денес се добиени резултатите од првата контрола кои посочуваат дека водата е исправна, но според процедурата за да може да се тргне забрната, треба три последователни резултатите од примероците да се добри.

На 10 март се земени примероци, резултатите се добиени на 13 март со микробиолошко загадување на 4 локации. Резултатот е испратен веднаш до Агенција за храна и ветеринарство која има надлежност за ставање забрана и табли. Примероци земале и од Институт за јавно здравје. На 17 март повторно се земени примероци за контрола, а резултатите се денес добиени и истите се сите добри и пуштени до надлежните. Во текот на утрешниот ден ќе се земат примероци за втора контрола кои ќе бидат готови за три дена. По процедура ако овие резултати се добри, треба да има и трета контрола. За тргање на забраната одлучува Агенцијата за храна секако согласно добиените резултати, посочува Сашо Точков од Центарот за јавно здравје.

Инаку, како што информираа од Општина Охрид денес Агенцијата за храна и ветеринарство по извршениот инспекциски надзор констатира микробиолошка контаминација со зголемен вкупен број на колонии на 37 и 22 степени. Артерски чешми има на локациите кај пресекот на Бул. „Туристичка“ и улицата „Даме Груев“, во близина на ОУ „Григор Прличев“, во населбата Воска и чешмата до градскиот пазар.

Н.С.Ј.