Триесет жени менаџерки од државава, меѓу нив и охриѓанката Ангела Јолакоска, косопственичка и генерална менаџерка во „АСП Консалтинг“ Охрид и финансов менаџер во „АСП ПАК“ Охрид, ќе бидат наградени на јубилејната 30-та манифестација „Избор на најуспешни жени менаџери“ во организација на агенцијата „Марили“ за долгогодишно, континуирано, успешно менаџирање и траен придонес кон македонската економија.

Јолакоска од агенцијата „Марили“ доби признание и во 2023 година кога се вброи меѓу десетте најуспешни жени менаџерки.

Лауреатките, како што посочиваат од Агенцијата, се избрани по неколку критериуми, меѓу кои успешно менаџирање најмалку 10 години во приватен сектор, успешна компанија во континуитет од целата држава и од различни дејности и сектори.

Сите менаџерки се препорачани од нивните деловни колеги и партнери за нивното извонредно менаџирање и професионалност. Сите лауреатки ќе добијат награда – статуетка „Жена водилка“ излеана во бронза, авторско дело на академскиот вајар, проф. д-р Никола Смилков, потенцираат.

На манифестацијата, менаџерките, гостите од државните институции и реалниот сектор, како и гостите од дипломатијата, покрај свеченото прогласување, ќе имаат можност да ја слушнат прекраснитa музичкa изведбa на младата виолончелистка Ада Богоевска и на младата пијанистка Ана Манчева. Камерното дуо е под менторство на проф. Даница Стојанова.

Присутните ќе имат можност и да ја погледнат изведбата на балетска точка на учениците од 5-то одделение од основниот балетски оддел при Државниот Музичко Балетски Училишен Центар ,,Илија Николовски – Луј”, од класата на проф. Слаѓана Спасеновска. Настанот, традиционално, со нејзините исклучително лирични најави, ќе го води м-р Ели Танасковска, позната новинарка и водителка.

Манифестацијата, која ќе се одржи на 23 април во Скопје, години наназад претставува јакнење на женското менаџерство, претприемништво и лидерство и дава општествен придонес во јакнењето на родовата рамноправност и принципот „еднакви можности за сите“.

OhridNews