Со гала концерт насловен „Love“, вечерва во 21 часот на Античкиот театар свечено ќе биде отворено 66. издание на фестивалот „Охридско лето“, најзначајната и најреномирана меѓународна културна манифестација во Македонија, која и ова лето ќе го претвори Охрид во светска сцена на музичката и драмската уметност.

Фестивалската завеса ќе ја кренат две големи имиња на светската оперска сцена, познатата сопранистка Ермонела Јахо и американскиот тенор Чарлс Кастроново, кои ќе настапат со оркестарот на Националната опера и балет под диригентство на италијанскиот маестро Марко Боеми. Публиката ќе има можност да ужива во избор од најубавите арии и дуети од светската оперска литература.

До 20 август, „Охридско лето“ ќе понуди богата програма со концерти, театарски претстави и други уметнички содржини на најатрактивните фестивалски сцени во градот: Античкиот театар, црквата „Света Софија“, Долни Сарај и Центарот за култура „Григор Прличев“. На годинашното издание ќе настапат повеќе од 700 уметници од 24 држави, потврдувајќи го меѓународниот углед на фестивалот.

Основан во 1961 година, фестивалот „Охридско лето“ повеќе од шест децении е еден од најзначајните културни симболи на Македонија и член на престижните меѓународни асоцијации на фестивали, привлекувајќи врвни уметници и публика од целиот свет.

Г.М.