Организаторите на големиот свет чин што ќе се одржи претстојниот викенд во с. Оровник, охридско, ги инфромираат верниците и сите учесници во молитвеното торжество и поклонување на светите мошти на Св.вмч.Недела, дека за време на настанот, сабота и недела, ќе биде воведен посебен режим на сообраќај, а движењето пеш ќе биде регулирано од страна на редарски служби и органите на редот.

На 25.04.2026 година, кога се очекува пристигнувањето на моштите на светителката, по што ќе се одржи литија, паркирање на возилата ќе биде дозволено од главниот влез во селото, односно од пиланата до локалното училиште. Понатаму движење со возила нема да биде дозволено, освен за возилата од протоколот. Паркирање ќе биде дозволено и на останатите приоди до селото до сред село, каде паркирање и движење со возила ќе биде забрането. Забрана за сообраќај и паркирање ќе има и околу црквата Св. Илија, како и по и покрај патот кон манастирот Св. Недела, по кој ќе се движи литијата, како и во храмот каде ќе пристигнат моштите на светицата кои ќе бидат изложени пред верниците.

Во недела, 26.04.2026 година кога во манастирот Св. Недела ќе се одржи света архиерејска литургија на која ќе присуствуваат Митрополитите г.Георгиј Дебарско – кичевски, г.Петар Преспанско – пелагониски и Епископот Хераклејски г.Климент, по што верниците ќе имаат можност да се поклонат пред моштите на великомаченичката, паркирање ќе биде овозможено во цело село, освен на патот и покрај патот кој води до манастирот во Оровник

За автобусите, пак, со кои се очекува во недела да пристигнуваат верници од регионот, паркирање ќе биде овозможено на просторот на пиланата на влезот во с. Оровник.

Бидејќи се очекува присуство на броен народ, движењето пеш од црквата Св. Илија до манастирот Св. Недела, двата дена, ќе биде соодветно регулирано од ангажираните редарски служби кои ќе даваат насоки за да се избегнат непотребни гужви, а со цел сите верници да имаат можност да се поклонат пред моштите на Св. вмч. Недела, кои ќе бидат изложени во манастирот во с. Оровник.

Организаторите упатуваат апел до сите што ќе присуствуваат на светиот чин, да ги почитуваат дадените насоки на движење со возила и пеш, соодветно да се однесуваат и достоинствено да изразат почит кон Св. вмч. Недела, во мир и спокој.

Настанот кој има силно духовно значење за православните верници во регионот се реализира на иницијатива на Црковниот одбор при манастирот „Св. Недела“ во Оровник и неговите градители, семејството Нелоски, со активна поддршка и организација на свештенството од Дебарско-кичевската епархија, а со благослов на митрополитите г. Георгиј и г. Петар и поддршка од Општина Дебрца и бројни помагатели.

Светите мошти, кои специјално за оваа пригода со верски обичаи ќе бидат донесени од храмот „Света Недела“ во Битола, ќе бидат пречекани на 25 април во 17 часот во црквата „Св. Илија“ во Оровник. Оттаму ќе започне свечена литија со иконата и моштите, која ќе се движи до манастирот – чин што се очекува да обедини голем број верници од Охридско и пошироко. Истиот ден во 18 часот ќе се одржи празнична вечерна богослужба, а предвидена е и културно-уметничка програма која ќе почне во 19:30 часот.

Централниот духовен настан ќе биде следниот ден, недела, кога ќе се служи утрена богослужба во 7:30 часот, по што во 9:00 часот следува пречек на Митрополитите г.Георгиј Дебарско – кичевски, г.Петар Преспанско – пелагониски и Епископот Хераклејски г.Климент, кои ќе одржат архиерејска литургија. Предвидена е и пригодна културно – уметничка програма.

Овој прв ваков настан во Оровник не е само религиски чин, туку и потврда за живата вера и почитта кон традицијата што со векови се негува во Охридскиот крај, создавајќи духовно наследство што обединува генерации.

OhridNews