Рисот кој на 24 феврури беше пронајден мртов на превојот Буково угинал како последица на удар од возило, покажала обдукцијата извршена врз животното.

Се работи за женка на 3 годишна возраст, редок вид Балкански рис, велат за Охридњуз од Државниот инспекторат за животна средина – ДИЖС.

Обдукцијата утрврди внатрешно крварење, што наведува на заклучок дека животното било удрено од возило. Не се забележани траги на труење или други повреди, изјави за Охридњуз Пејо Кировски – овластен инспектор за природа во ДИЖС.

Се работи за женка во најдобри години. Загубата е огромна. Балканскиот рис е многу редок подвид на Европскиот рис кој претежно живее на просторите на Македонија, Косово и Албанија. Се проценува дека се останати само 40 до 50 единки Балкански рис, посочува Кировски.

Покрај овој, ДИЖС деновиве регистрирал уште еден случај на угинување на ретки видови птици во кавадаречко. На висорамнината Витачево биле пронајдени мртви два мршојадни орли, црн и бел.

За случајот бевме алармирани од Бугарија бидејќи едната птица имала вграден GPS систем за следење во таа земја. Известено било Македонското еколошко друштво – МЕД, чии членови заедно со локални еко активисти го лоцирале местото каде биле пронајдени мртви двете птици. Во непосредна близина имало мртва крава во фаза на телење. Локалното јавно претпријатие веднаш презело мерки и соодветно ги отстранило мртвите животни, а угинатите птици се предадени на обдукција на Ветеринарниот факултет во Скопје. Не е утврдено присуство на сачми и други убојни средства, поради што врз птиците ќе бидат извршени патолошки испитувања за да се утврдат причините за нивната смрт, истакна Кировски.

Полицијата врши разговори со овчарите на Витачево. Се истражуваат сомнежи за труење, но причина за смртта на птиците може да биде и друга, дотолку повеќе што во близина на мртвите животни забележан бил и чопор кучиња.

Доколку се работи за труење, ќе биде поднесена кривична пријава против непознат сторител, истакна овластениот инспектор за природа при Државниот инспекторат за животна средина, Пејо Кировски.

Г. Момироски
Фото: ДИЖС