Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), во соработка со Општина Дебрца одржа јавна расправа по Нацрт-законот за прогласување на Белчишко Блато за заштитено подрачје во категорија IV – Парк на природа.

Јавната расправа претставува значаен чекор во процесот на институционална заштита на едно од посебно вредните природни подрачја во државата, преку утврдување на категоријата на заштита, границите и зоните на идниот парк на природа, велат од МЖСПП

На отворањето се обратија претставници од МЖСПП, како и градоначалникот на Општина Дебрца Златко Сиљаноски, при што беше нагласена важноста од заедничкото делување на институциите на државно и локално ниво, експертската јавност и локалната заедница во процесот на заштита и одржливо управување со природните ресурси.

Во рамки на расправата беа презентирани природните вредности на Белчишко Блато, предложената категоризација на заштита, како и предлог-границите и зоните, додека претставници од МЖСПП ја образложија постапката за прогласување на подрачјето и содржината на Нацрт-законот. Претставник од Здружението за екологија и туризам „Екотуризам 2016“, Ѓоко Зоровски, ги презентираше природните вредности и значењето на подрачјето од аспект на биодиверзитетот и неговата заштита.

Настанот овозможи отворена дискусија со сите засегнати страни, со цел прибирање на мислења, коментари и предлози кои ќе придонесат кон квалитетно финализирање на законското решение.

Овој процес е дел од пошироките напори на државата за усогласување со европското законодавство во областа на заштита на природата, вклучително и принципите на Natura 2000 мрежата, како и со целите на Зелената агенда за Западен Балкан, која ја става заштитата на биодиверзитетот, екосистемските услуги и одржливото управување со природните ресурси во фокусот на регионалниот развој, посочуваат.

Министерството за животна средина и просторно планирање упатива повик до сите заинтересирани страни активно да се вклучат во процесот, при што коментари и сугестии по Нацрт-законот може да се достават во рок од 10 дена по одржување на јавната расправа.

Со оваа иницијатива, Министерството ја потврдува својата стратешка определба за унапредување на заштитата на природното наследство, преку интеграција на европските стандарди за заштита на биодиверзитетот и обезбедување долгорочни, одржливи придобивки за граѓаните, локалните заедници и идните генерации, додаваат.

OhridNews