Здружението за заштита на животни „Анималиа“ во обид да се намали бројот на бездомни кученца и маченца, како и спречување на нивното патење на улиците, а со поддршка на „OhridNews“ и во новата 2016-та година продолжува со објава на кученца и маченца кои се подготвени за вдомување. Секоја недела ќе одат објави на „Ohridnews“. Сите кученца и маченца се прочистени од внатрешни и надворешни паразити. И сите трпат промена на името.
Денеска повторно ќе објавиме едно кученце. Прочитајте ја неговата приказна.
Бела
пол: женски
старост: 1 година
состојба: вакцинирана и стерилизирана
Бела е кученце кое ни се роди во местото каде привремено имаме згрижено бездомни кученца. Мајкичката нејзина е Васка, кученце кое го најдовме бремено и кое уште го чуваме, бидејќи на улица тешко дека би можела да се снајде, а и стрес голем имаше доживеано кога ја прибравме. Роди 5 кученца и сите дом си најдоа, па и Бела. Со вдомувачите, на кои им беше прво кученце, едно чудо време потрошивме во давање совети. После неколку месеци, со изговор дека нема да може повеќе да го чуваат затоа што на пат заминувале (им објаснивме дека можно е и едноставно е да се среди и тоа да може да го земат со себе), ни беше речено дека доколку не го прибереме, на улица ќе осамнело. Иако и тогаш како и сега немавме капацитет за уште едно кученце да прибереме, сепак импровиизравме и стиснавме пак заби за да му излеземе во пресрет на кученцето. И покрај тоа што во законот убаво стои што е тоа одговорно сопствеништво, сепак судските лавиринти многу време и трошоци ќе не’ чинеа, па не се зафативме по тој пат, со оглед на тоа што и малку волонтери сме, а едно чудо кученца секојдневно имаат потреба од нас, велат од Анималија.
Бела е навистина интересно и полно со енергија кученце. Сака да се гали, но и сака да си игра доста. Во отсуство на снежната белина, токму Бела ќе ви ја пружа убавината што белината на снегот ја пружа. Вдомете ја, нема да зажалите.
Доколку сте заинтересирани за вдомување, пишете ни порака на https://www.facebook.com/AnimaliaOhrid или пратете СМС порака на контакт телефон: 072 550 890 или 071 584 566.
Воедно, замолуваме и за донации, како би излегле на крај со трошоците за исхрана и за ветеринарни услуги. Сметката е:
Денарска сметка: 200002644723228
Депонент: Стопанска Банка АД – Скопје
Благодариме!
И да, најголемата донација е кога некој ќе вдоми некое кученце бездомно!
Повеќе инфо за Анималиа и животинките кои бараат домче на следниот линк.
OhridNews