При контрола во угостителски објекти во Охрид, во текот на изминатата ноќ, полициски службеници од СВР Охрид, во објект лоциран на кеј „Македонија“, затекнале малолетни лица.
Согласно член 21 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, против правниот субјект и одговорното лице, поради овозможување присуство на малолетници во угостителски објекти по 24 часот, ќе биде поднесена пријава, информира портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.
На 14.03.2026 година во 10.30 часот, во СВР Охрид е пријавено дека на улицата „Партизанска“ во Охрид, повеќе малолетни лица физички нападнале друг малолетник кој потоа, со возило на Итната медицинска помош, бил пренесен во Општата болница во Охрид.
Во врска со настанот, во СВР Охрид повикани се неколку малолетни лица од Охрид и во присуство на нивните родители, извршени се службени разговори. По целосно расветлување на настанот, ќе биде поднесен соодветен поднесок, истакна Димоски.
На 14.03.2026 година во 22.35 часот, на улицата „Моша Пијаде“ во Струга, лишен од слобода бил 52-годишен стружанец.
При контрола во патниот сообраќај, полициските службеници сопреа патничко возило „Пежо“ со струшки регистарски ознаки кое тој го управувал и притоа, во задниот дел од возилото пронајдоа и одзедоа опаковка со бела прашкаста материја. Дополнително, констатирано е дека немал остварено право за управување односно немал положено возачки испит. По налог на јавен обвинител, возилото е одземено и по целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава, соопшти Димоски.
OhridNews













