На 04.05.2026 во 16:00 часот во СВР Охрид, 25-годишно лице од Охрид пријавило дека на 28.04.2026 околу 10:00 часот во спортска обложувалница во Охрид бил физички нападнат од лице, вработен во објектот, при што паднал и се повредил.

По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок, информираат од СВР Охрид.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против правно лице од Охрид и 43-годишно лице од Охрид, сопственик и управител на правно лице, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „измама“ и „фалсификување исправа“.

Во текот на 2024 и 2025 година, второпријавениот, свесно и со намера да прибави имотна корист, фалсификувал и прикажувал лажно одобрение за градење од општина Охрид за надградба на станбена зграда и се рекламирал преку свој профил на веб страна за продажба, каде што имал огласи за продажба на станови за што земал пари од повеќе лица.

Во врска со оваа информација на СВР Охрид, со соопштение до медиумите се огласи лицето кое е предмет на пријавата, во кое се демантираат изнесените наводи во Билтенот, посочувајќи дека истата е невистинита и има за цел да наштети на неговиот и угледот на компанијата.

Не се работи за никаква продажба со лажно одобрение за градба ниту било каква измама. Се работи за преддоговор за деловна соработка помеѓу мојата фирма и физичкото лице кое средствата ги задржува за да извадиме одобрение за градба и документи, а откако ќе се извади одобрението ќе добие стан кој треба да го доплати, стои во демантот поткрепен со нотарски заверена изјава и извори од документи.

На 04.05.2026 во 12:48 часот во ОВР Струга, од Медицински центар Струга е пријавено дека кај нив е донесено починато 63-годишно лице од Струга.

Лекар констатирал смрт, а според пријавеното, тој паднал од кровот на семејната куќа во Струга, додека извршувал работни задачи, по што починал од здобиените повреди. Извршен е увид од увидна екипа на ОВР Струга и јавен обвинител, по чии насоки телото на починатиот е предадено во Судска медицина за обдукција.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга поднесе кривична пријава против 29-годишно и 22 годишно лице, двајцата од с.Велешта, струшко, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво“.

На 16.01.2026 во спортска обложувалница во Струга, пријавените со закана со огнено оружје кон вработениот го одзеле дневниот промет, додаваат од СВР Охрид.

OhridNews