На 09.04.2026 во Охрид, полициски службеници од криминалистичката полиција при СВР Охрид лишија од слобода 44-годишно лице од Охрид, постапувајќи по претходни пријави дека телефонски и од профили на социјални мрежи вознемирувал и упатувал закани на повеќе членови на неговото семејство.

При извршен претрес со судска наредба во неговиот дом биле пронајдени мобилни телефони, компјутери и други електронски уреди, кое се одземени за понатамошна постапка. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава, информираат од СВР Охрид.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Агенција за обезбедување на имот и лица од Скопје и 57-годишниот сопственик и управител на агенцијата од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“.

Сопственикот, со неизвршување на обврските по склучување на договорот со Управата за заштита на културното наследство, не ги исполнил техничките услови предвидени во договорот, односно ангажирал помал број на вработени лица и покрај тоа што еден од основните услови за квалитетно извршување на договорот е економскиот оператор да има вработено или ангажирано минимум 10 лица за физичко обезбедување кои имаат лиценца и легитимации и да има вработено или ангажирано минимум пет лица за техничко обезбедување кои имаат лиценца за техничко обезбедување.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против 36-годишно лице од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“.

На 03.04.2026, полициски службеници извршиле претрес на патничко возило „фолксваген голф“ со охридски регистарски ознаки, управувано од пријавениот, при што во возилото бил пронајден и одземен кокаин. Подоцна, извршен е и претрес во објект во Охрид, кој го користел пријавениот, каде што, исто така, бил пронајден и одземен кокаин, додаваат од СВР Охрид.

OhridNews