Денес на Велики Петок или уште се нарекува и Распет Петок, денот кога Исус бил фатен, мачен и распнат на крст, во црквата „Св. Георгиј“ во Охрид во присуство на бројни верници се одржа богослужба и изнесување на Светата Плаштаница со која богослужеше Митрополитот Георгиј.

На Велипеток Исус бил осуден и мачен, на грбот му ставиле голем дрвен крст кој требало да го носи до местото Голгота за да биде распнат. Му ставиле и венец од трње на главата и му се потсмевале со зборовите: „Радувај се царе јудејски“. Бил распнат заедно со двајца војници, а кога војниците го заковувале на крстот тој се молел за нив: „Прости им Господи, не знаат што прават“. Кога Исус умрел се случиле повеќе натприродни феномени: „И наеднаш се расцепи црковната завеса на два дела, од горниот крај до долниот, и земјата се затресе и карпи паднаа, и гробови се отворија и многу тела на упокоени светии воскреснаа.

На Велики Петок во црквите се изведува и обредот симболично погребување на Исус Христос. Тоа се прави на тој начин што платното наречено „плаштеница – плаштаница“ се положува врз посебно подготвен симбол на Христовиот гроб.

Денес се оставаат дарови на Распетието Христово, а цвеќе се остава на плаштеникот – оплакувањето Христово. Секој што тука остава цвеќе зема друго и го носи дома за здравје.

Поминувајќи под плаштеницата, верниците сочувствуваат со распнатиот Исус. Исто така се поставува и „Распетието Христово“ (крстот на кој е насликан распнатиот Исус) пред кој верниците се поклонуваат и Исуса го бакнуваат во раните на нозете.

Вечерва од 18:00 часот ќе се одржи „Оплакување и опело на Христа“. Митрополитот Георгиј ќе богослужи во црквата „Св. Богородица“ Каменско.

Утре во сите парохиски цркви во Охрид ќе се служи Василиева литургија, со почеток во 08:30 часот. Воскресната богослужба по повод големиот празник Велигден, во сите градски цркви ќе започне во 23:30 часот. Архиерејска литургија ќе се одржи во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник.

Н.С.Ј.