Најпознатиот стоматолошки бренд во регионот, стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“, склучи договор за партнерство со британската компанија „KINGS MEDICAL“ со седиште во Лондон, која промовира здравствен туризам.

Договорот во просториите на стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“ го потпишаа Д-р Небојша Баткоски и Лара Хамфрис, една од директорките на „KINGS MEDICAL“. Со него се предвидува британски туристи да доаѓаат во Македонија и Охрид каде ќе користат здравствени услуги во стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“. Првата група пристигнува за десет дена.

-Имаме квалитет, знаења  и опрема на светско ниво и можеме да одговориме на секој предизвик од медицински аспект. Верувам дека ова ќе биде дополнителен импулс за поинтензивен развој на денталниот туризам во Охрид кој има огромен потенцијал, на што работиме долги години. – изјави Д-р Небојша Баткоски.

Д-р Баткоски посочува дека Брегзитот отвора можност за Охрид да ги придобие британските граѓани кои имаат потреба од стоматолошки услуги по поволни цени, а кои до сега главно ги користеа во земји од ЕУ. Од исклучителна важност е и тоа што Охридскиот аеродром е директно поврзан со Лондон.

-Денталниот туризам ќе биде голем плус во туристичката понуда на Охрид, но и голема придобивка, бидејќи гостите кои ќе доаѓаат од Британија тука, покрај стоматолошки, ќе користат и други услуги како сместување и.т.н. – додава Д-р Баткоски.

Претставничката на „KINGS MEDICAL“, смета дека договорот за партнерство со стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“, е почеток на една успешна соработка која допрва ќе се развива.

-Договорот е резултат на сериозни испитувања на пазарот, а условите кои ги понуди нашиот партнер, стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“, се гаранција дека нашите клиенти тука ќе добиваат квалитетна услуга. – рече Хамфрис.

„KINGS MEDICAL“ во областа на денталниот туризам веќе работи во Германија, Словенија и Србија, а отсега во понудата на оваа реномирана компанија чии услуги ги користат голем број клиенти од Британија ќе биде и Охрид, благодарение на договорот за партнерство со стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“.

OhridNews