Понекогаш, највредните приказни не се пишуваат со успехот, туку со луѓето. Таква беше и средбата на генерацијата дипломирани хемичари од Универзитетoт „Св. Кирил и Методиј“, кои по повеќе од четири децении повторно се собраа обединети од спомените, но и од благородната иницијатива на нивниот колега Петар Спасески.
На 25 и 26 април, Охрид беше домаќин на ретка и искрено емотивна средба. По цели 46 години, некогашните студенти повторно се погледнаа со истата топлина, но со животни приказни зад себе. Смеата, спомените и искрената радост ја исполнија атмосферата, а настанот доби дополнителна вредност со присуството на другари од основното и средното образование.
Средбата ја организираше охридскиот бизнисмен Петар Спасески – човек чија деловна приказна е пример за визија и упорност. Но, тој, овојпат покажа нешто уште поважно, човечност и чувство за заедништво.
Под негово покровителство беше организирана вечер исполнета со почит и внимание, а следниот ден учесниците ја посетија и неговата компанија за производство на амбалажа за пакување на земјоделски производи и заштитни мрежи АСП ПАК – успешна охридска приказна која од мал старт-ап прерасна во глобално препознатлив бренд што ги снабдува пазарите ширум Европа и светот, а нејзините производи се користат за пакување милијарди килограми земјоделски производи годишно.
Но, и покрај големиот бизнис успех, токму овој гест на Спасески покажа дека најголемата вредност не е во бројките, туку во луѓето.
Овој незаборавен собир ни покажа колку значат пријателството, колегијалноста и човечката поврзаност, без разлика колку години ќе поминат“, порачаа учесниците, изразувајќи искрена благодарност.
Во време кога сè се мери со резултати, оваа средба потсети на нешто подлабоко, дека вистинските врски не стареат, туку само стануваат повредни.
Г.М.























