По повод 17 март, Денот на крводарителството и Денот на Црвениот крст на РСМ Црвен крст Охрид денес со почеток во 13 чaсот во своите простории ќе организира пригодна свеченост на која ќе бидат доделени признанија на заслужни крводарители, поединци и институции кои придонеле за развој и унапредување на крводарителството во Охрид и Дебрца во 2025 година.
Промовирање, развој и унапредување на крводарителството на територијата на општините Охрид и Дебрца е заложба која Црвен крст Охрид континуирано, совесно и посветено ја спроведува во текот на цела година. Како резултат на хуманоста на крводарителите, постојаната ангажираност на вработените и волонтерите на Црвен крст Охрид и службите за трансфузиона медицина, преку организирање на крводарителски акции во текот на годината, се задоволуваат потребите од крв и крвни продукти за пациентите кои се лекуваат во здравствените установи во нашиот град. Хуманоста што ја покажуваат нашите крводарители преку доброволно дарување крв, придонесува да бидат спасени многу човечки животи, велат од Црвен Крст Охрид.
Потенцираат дека дарувањето крв е доброволно, анонимно и бесплатно и претставува израз на високо етички, хумани, морални и патриотски вредности, но истовремено и граѓанска должност и обврска на секој човек.
Човечката крв е лек кој единствено може да се обезбеди со дарување. Сите кои се чувствувате здрави, дарувајте крв, од тоа нема похумано. Бидете член на охридското крводарителско семејство, на семејството на Црвениот крст кое е големо и сложно. Нашите членови меѓу себе не прават разлики, зошто нас нé поврзува и обединува најсилното нешто, хуманоста, посочуваат од Црвен крст Охрид.

OhridNews













