Во пресрет на летната сезона на пожари, Центарот за управување со кризи (ЦУК) и Општина Струга ја интензивираат меѓусебната координација со цел јакнење на оперативната подготвеност и ефикасниот одговор при евентуални кризни состојби.

Како што соопштија од ЦУК, директорот на Центарот, Мухамед Али, остварил работна средба со градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќира, на која биле разгледани можностите за продлабочување на институционалната соработка и унапредување на заедничките капацитети за управување со ризици.

Акцентот на средбата бил ставен на координирано планирање и спроведување мерки за заштита од пожари, како и на подобрување на теренската координација и оптималното користење на расположливите ресурси.

Дополнително, беше нагласена важноста од навремено информирање на туристите за системот за итни повици 112 и постапувањето во случаи на опасност, со цел нивна поголема безбедност и брза реакција, посочуваат од ЦУК.

Додаваат дека зајакнатата соработка со локалната самоуправа претставува важен предуслов за заштита на населението, природните ресурси, туристите и јавните добра на подрачјето на општината.

OhridNews