Во магичниот амбиент на Охрид повторно одекна детската песна. Детскиот музички фестивал „Распеано Рибарче“ годинава го одбележа своето 27-мо издание, продолжувајќи ја традицијата што речиси три децении ги обединува музиката, културата и детската радост.

Фестивалската сцена низ годините била првиот чекор за илјадници млади охридски таленти.

„Распеано Рибарче“ одамна не е само фестивал – тоа е симбол на детската креативност, музичката љубов и охридската културна традиција. И кога ќе ме прашаат од каде инспирацијата за толку голем број композиции и теми за секое ново издание, мојот одговор е во неизмерно задоволните лица на децата и гордоста на нивните најблиски, кога во тие моменти тие се вистински ѕвезди на сцената“, изјави Димче Китрозоски, композитор, продуцент и организатор.

Поддршка и оваа година пристигна од Општина Охрид и градоначалникот Кирил Пецаков.

Задоволството не го криеја ниту учесниците, кои годинава настапија во голем број – околу 100 деца, нивните најблиски, како и тимот на „Распеано Рибарче“, кој посветено работи уште од првите изданија на фестивалот.

Охрид повторно пееше со детските гласови, а „Распеано Рибарче“ уште еднаш потврди дека вистинските вредности траат, инспирираат и остануваат засекогаш.

OhridNews