По повод Меѓународниот ден на дигиталното учење организацијата Порака Нова како членка на европската мрежа All Digital активно се вклучи во овогодинешната европска кампања All Digital Weeks 2026, иницијатива насочена кон унапредување на дигиталните вештини, промовирање на инклузијата и поттикнување на иновациите во заедниците. Во рамки на националните активности во Охрид беше одржан настанот „Дигитално учење за општествено добро“ во просториите на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“.

Настанот обедини претставници од академската заедница, граѓанскиот сектор и бизнис заедницата, со цел размена на идеи и дискусија за улогата на дигиталните технологии во создавање позитивно општествено влијание.

Во фокусот на настанот беше зголемената важност на дигиталните компетенции, особено кај младите. Преку дискусии и презентации посветени на новите технологии, беше истакнато влијанието на области како вештачката интелигенција врз иднината на работата, образованието и граѓанското учество. Посебен акцент беше ставен на потребата од развој на релевантни вештини кои ќе им овозможат на младите активно учество во дигиталната економија и создавање нови можности, информираат од Порака Нова.

Учесниците, посочуваат, испратија заедничка порака дека дигиталното учење не претставува само техничко знаење, туку клучен фактор за справување со општествените предизвици, зајакнување на заедниците и поттикнување одржлив развој.

Иницијативите во рамки на All Digital Weeks 2026 покажуваат дека достапното и инклузивно дигитално образование може да биде силен двигател на позитивни промени. Порака Нова останува посветена на промовирање на дигитална трансформација која е инклузивна, етичка и во служба на општеството, додаваат.

Инаку, настанот беше организиран од Порака Нова, во соработка со Brainster како национални координатори на кампањата All Digital Weeks 2026, со поддршка од Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ и компанијата Angor AG.

OhridNews