До крајот на годинава пристигнува новиот брод амбуланта во Охрид кој треба да биде во функција од следното лето. Со бродот амбуланта се очекува брз, безбеден и квалитетен медицински транспорт преку езерото и поголема безбедност за сите жители и посетители на Oхридското крајбрежје.
Црвен крст Охрид е во постапка за набавка на нов брод амбуланта преку новиот ИПА 3 ЕУ проект. Интенцијата ни е бродот амбуланта да биде во функција преку целата година. Пловни објекти имаме постојано, се повеќе се зголемува и бројот на туристи, па мора да се има начин како брзо, соодветно и правилно да се транспортираат евентуалните пациети. Нашата идеја е и сите итни транспорти кои би требало да се прават на пациенти по копнен пат да се прават по воден. Ќе имаме современ брод амбуланта кој ќе може да одговори на предизвиците кои ги има Охридското Езеро, вели во емисијата „Напладне“, претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков.
Во моментов, посочува, во тек е постапката на прибирање понуди и истата се одвива според законска регулатива, а очекувњата се до крајот на годината бродот да пристигне.
Бродот амбуланта следното лето го очекуваме да биде во функција. На тој начин ќе овозможиме комплетно една нова услуга која што досега не постои, а е од нужна потреба во Охрид знаејќи дека имаме многу населени места до кои што е тешко да се пристапи по копнен пат. Летно време имаме голем број на туристи, голема должина на крајбрежје кое што е посетено од туристи, така што овој брод ќе има огромно значење за безбедноста на луѓето генерално, вели раководителот на Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид, Антонио Додевски.
Инаку, бродот амбуланта ќе се набави преку проектот „Волонтери во акција за безбедност на граѓаните и заштита на природата“ од ИПА 3 Програмата за прекугранична соработка со Република Албанија.
Н.С.Ј.













