Италијанскиот фудбалски стручњак Фабио Капело или популарниот Дон Фабио најави крај на својата богата и трофејна тренерска кариера.
Последен ангажман на 71-годишниот стратег беше тимот на Џиангсу Сунинг од Кина. Капело е еден од ретките поискусни фудбалски стручњаци кои освојувале титули во сите национални првенства во кои се натпреварувал.
– Јас постигнав се што сакав. Италијанскиот национален тим? Веќе реков „Не”. Имав искуство во работата со националните тимови на Англија и Русија. Сакав повторно да работам со клуб. Џиангсу Сунин беше моето последно тренерско искуство. Многу сум среќен од моите постигнувања. Сега сум среќен што сум ТВ коментатор. Во оваа улога секогаш победувате. – изјави Капело.
Најсветли моменти во тренерскиот занает Капело ги доживеа со Милан освојувајќи ја титулата во ЛШ и четирите скудета во Серија А. Со Рома исто така успеа да стигне до титулата во Серија А, а со Реал Мадрид победуваше два пати во својот двократен престој. Капело четири години беше селектор на Англија, а три на Русија, но немаше некои забележителни успеси во селекторската мисија.
OhridNews