Народен театар Охрид организира две хуманитарни театарски изведби, со цел собирање средства за лекување на нашата сограѓанка Ева во Германија.
На 26 март премиерно ќе биде изведена детската претстава „Чаплин во црно-белиот свет“, во режија на Ѓорѓи Ризески. На 27 март, по повод Меѓународниот ден на театарот, ќе се одигра претставата „Парите се отепувачка“, во режија на Андреј Цветановски. Средствата собрани од продажбата на билети од двете претстави ќе бидат целосно наменети за поддршка на лекувањето на Ева, велат од Народен театар Охрид.
„Чаплин во црно-белиот свет“ е детска театарска претстава инспирирана од делото, поетиката и духот на Чарли Чаплин, но создадена како оригинален сценски настан, наменет за современата детска публика. Претставата тргнува од едноставна, но силна идеја: да го гледаме светот онака како што го гледа дете – низ игра, љубопитност, смеа и фантазија. Тоа е истовремено и начинот на кој Чаплин го гледал светот во своите филмови. „Чаплин во црно белиот свет“ е претстава која ги охрабрува децата да размислуваат, да чувствуваат и да веруваат дека нивната игра има моќ. Тоа е театар кој не поучува со зборови, туку со слика, движење и радост. Претставата ќе се одигра во склоп на чествувањето на Меѓународниот ден на театарот. Претставата ќе се одигра денес со почеток во 19 часот, а цената на билетот е 150 денари.
Во претставата играат: Симона Димковска / Филип Кипровски, Адријана Билаловиќ Тодороска, Павел Маслов, Елизабета Стефановска Јандреовска, Биљана Билаловиќ Вељаноска и Ивица Цонев. Режија: Ѓорѓи Ризески.

Од Народен театар упатуваат повик до граѓаните да ја поддржат оваа хуманитарна иницијатива и преку своето присуство да дадат придонес во оваа значајна акција.
OhridNews












