Денеска се одбележува една година од трагедијата во Кочани, каде во пожар во дискотеката „Пулс“ загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

Ноќеска во 2:32 часот со свеќи во рацете и со повеќеминутен молк собраните родители и граѓани им оддадоа почит на загинатите во страшниот пожар.

Нека светлината сведочи да не заборавиме. Нека тишината звборува за љубовта што останува, порачаа од Здружението „16 март 2025 Кочани“.

Пред присутните на собирот, семејствата на жртвите, организиран од Здружението, се обрати активистот Борјан Ефтимов кој посочи дека трагедијата засекогаш ќе остане дел од болката на македонскиот народ.

Не постои збор што може да го кажам и да биде доволен за да го опише тоа што вие и сите ние го загубивме. Но, токму зборовите се тоа што нè држи во живот. Борбата на обичниот човек за правда е борба за помнење наспроти заборавот. Сите ние сме заедно во ова. Заедно почнавме и заедно ќе продолжиме. Сакам да се погледнете сите помеѓу вас. Токму вие, семејствата и пријателите, покажавте што значи да не се заборави. Покажавте што значи љубов. Покажавте што значи грижа. Сите ние, секој на свој начин, го продолжуваме споменот, животот и меморијата на ангелите кои ги загубивме на 16. март, рече Ефтимов.

Во Кочани  викендов се одржаа повеќе настани со кои им се оддаде почит на жртвите во трагедијата, а беше одржана и Меѓународната конференција за институционалните и клиничките аспекти и решенија по пожарот во Кочани.

Денес ќе се одржи комеморативен настан „Ден на сеќавање“ во Центарот за култура „Бели мугри“.

OhridNews