Прекрасно музичко доживување приреди Охридскиот камерен оркестар во НЦУК „Григор Прличев“, каде вечерва беше изведен Омаж за големиот охридски и македонски композитор, текстописец и комплетен музички автор Григор Копров.
На концертот насловен „Охрид знае што е љубов“ беа изведени дел од богатиот опус композиции зад кои стои авторскиот потпис на Григор Копров. Тој е автор на над 500 песни, а охридската публика вечерва се потсети на незаборавните хитови на Тоше Проески „Усни на усни“, „Во коси да ти спијам“, „Излажи ме“ и дуетот со Каролина „Немир“, потоа хитовите на Маја Оџаклиевска „Сребрени улици“ и „Лидуду“, Калиопи – „Остани во мене“, Владо Јаневски – „Не зори зоро“ (Евровизија 1998), „Црно тиквешко“ и „Чаирска романтика“…
На концертот учествуваа: Проф. Љупчо Аслимоски, Андреј Нически, Јане Тодороски, Мартин Мацкоски, и вокалните солисти: Исабела Димовска, Анастасија Таневска, Фросина и Деспина Белистојаноски и Димитар Веслиевски.
За извонредните музички достигнувања во кариерата која трае со децении, претседателот на советот на Општина Охрид, Перчо Божиноски, му врачи плакета на Григор Копров.
Настанот имаше хуманитарен карактер. Во Центарот за култура беа поставени кутии за донации, а собраните средства ќе бидат наменети за лекување на малата Ева која се бори со тешка болест.
Г.М.



















