Дваесет и девет годишниот аргентински тенисер Хуан Мануел Делпотро е победник на мастерс турнирот 1000 во Индијан Велс. Тој во епско финале го совлада првиот рекет на светот, Швајцарецот Роџер Федерер со 2:1, по два тај-брејка 6:4/6:7(8)/7:6(2).

Финалето во Индијан Велс донесе врвен тенис и неверојатна драма, со среќен крај за Аргентинецот. Делпотро го доби првиот сет со 6:4 успевајќи единствениот брејк да го претвори во важна почетна предност во финалето. Драмата започна во вториот сет. Се играше гем за гем се до 6:5 за Федерер. На сервис на Делпотро најдобриот тенисер на светот имаше две брејк – сет топки, но Делпотро по челинџ се врати од загубена позиција и мечот отиде во тајбрејк. Прв до брејк во тринаесеттиот гејм стигна Федерер, но Делпотро успеа да се врати од загубена ситуација и да стигне до меч топка која не ја искористи. Федерер успеа да го сврти тајбрејкот во своја корист и да го добие со 10:8 за израмнување 1:1.

Одлучувачкиот сет Делпотро по „џус“ ситуација го отвори за предност. Потоа се играше гем за гем се до 4:4. Тогаш Федерер успеа да направи брејк на сервис на Делпотро и на свој сервис поведе со 40:15, но не успеа трите меч топки да ги претвори во триумф. Чудесниот камбек на Делпотро му донесе психолошка предност во тајбрејкот кој уследи, во кој Федерер направи дури две двојни сервис грешки, а Аргентинецот славеше со 7:2 и за прв пат го освои мастерс 1000 турнирот во Индијан Велс, што го искачи на 6-та позиција на АТП листата.

-Вистинско задоволство е да се следи најдобриот играч на светот. Роџер ти испишуваш историја. – изјави по мечот емотивниот Делпотро. Додаде дека бил многу нервозен по вториот сет но успеал да смогне сили и да стигне до толку очекуваната мастерс титула.

-Им благодарам на мојот тим и поддржувачите. – рече Делпотро, кому ова му е 22 титула во кариерата, но исклучително вредна ако се има предвид дека тој успеа да се врати во топ 10 играчи на светот и да освои голема титула после тешките повреди во 2014 и 2015 година кои долго го оддалечија од тенисот. За победата тој освои 1000 поени на АТП листата и инкасираше 1.431.000 американски долари.

Г.М.